На Мурињо ќе му избега и Лигата на шампионите, а Реал гледа спас во него
Бенфика синоќа ремизираше на домашен терен со Брага (2-2) во меч во кој навивачите можат да бидат задоволни и од освоениот бод бидејќи Павлидис израмни во 95. минута од пенал. Сепак, тоа ги остави „орлите“ на два бода негатива во однос на градскиот ривал Спортинг, на коло пред крајот на првенството. Бенфика и натаму е без пораз оваа сезона во домашното првенство, но ако не се случи чудо, идната натпреварувачка кампања ќе учествува во Лигата Европа и тоа ќе почне од квалификациите. Во последното коло Спортинг на домашен терен игра со Жил Висенте, а Бенфика гостува кај Есторил.
Интересно е тоа што ваквиот развој на настаните доаѓа во екот на шпекулациите дека Реал бара спас токму во Жозе Мурињо, тренерот кој од 2010 до 2013 година го водеше „кралскиот клуб“ и не се прослави. Последната шампионска титула во домашно првенство, португалскиот стручњак ја освои во 2015 година, со Челси иако потоа ги водеше уште Манчестер Јунајтед, Тотнем, Рома, Фенербахче и Бенфика.