Лига на шампиони летово ќе се игра и во село од 1.500 жители

Шведскиот шампион Мјалби и официјално доби дозвола од УЕФА европските натпревари да ги игра на својот „Страндвален“, стадион кој е сместен во село од само 1.500 жители.

Мјалби ова лето ќе настапи во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, а по долг период на неизвесност е потврдено дека првите два или три натпревари ќе ги играат пред своите навивачи. Доколку, пак, стигне подалеку тимот ќе мора да се пресели во Хелсингборг.

„Ова е голема и многу емотивна вест која значи многу за Мјалби. Фактот што ќе можеме да ги играме нашите први европски натпревари токму на Страндвален е неверојатно важен и за клубот и за целата заедница“, изјави директорот на клубот Јакоб Ленартсон.

Тој додаде дека ова е резултат на напорната работа на клубот и одличната соработка со шведската федерација, УЕФА и општината.

Мјалби ќе одигра две или три квалификациски средби на свој терен, во зависност од резултатите. Но, доколку стигне до плејофот од Лигата на шампионите, ќе мора да се пресели на Олимпискиот стадион во Хелсингборг, бидејќи тогаш барањата на УЕФА стануваат построги.

Истото правило ќе важи и ако клубот избори место во лигашката фаза на некое од трите европски натпреварувања, за што му е потребна само уште една вкупна победа за да обезбеди најмалку настап во Конференциската лига.

„Исклучително сме благодарни за соработката со Хелсингборг. Заедно најдовме решение што им одговара на сите страни“, порача Ленартсон.

За европските натпревари на „Страндвален“, капацитетот ќе биде ограничен на најмногу 3.500 гледачи. Мјалби до титулата стигна со освоени 75 од можни 90 бода, што претставува рекорд во шведското првенство.

Повеќе за приказната на Мјалби може да дознаете од Македонецот кој прерасна во вистинска легенда на овој клуб - ТУКА.