Панатинаикос е во аут - Европа ќе добие нов шампион

Фенербахче е прв финалист во Евролигата оваа сезона откако во полуфиналниот меч го совлада бранителот на титулата Панатинаикос со 82-76.

Тоа е прво финале за турскиот тим по пауза од седум години и можност за втор трофеј во елитното натпреварување, по оној во 2017 кога негов член беше Перо Антиќ. Триумфот на Фенер е апсолутно заслужен ако се знае дека го диктираше темпото во текот на сите 40 минути, во неколку наврати имаше и двоцифрена предност, а кога беше најтешко, во третата четвртина, го издржа притисокот на противникот и успеа да ја врати високата разлика.

Во важните моменти, на сцена стапија Девон Хол и Ерик Мекалум со неколку важни тројки и реализации, а можеби клучна беше петтата лична грешка на Кендрик Нан во финишот од натпреварот. На две минути пред крајот Панатинаикос се доближи на -4, но Лесор промаши едно слободно фрлање по што Мекалум постигна тројка и го однесе својот на предност од седум разлика.

Хол беше најефикасен кај Фенербахче со 18 поени, Биберовиќ додаде 15, а Мекалум 13. Кај Панатинаикос, на ниво беа само Џеди Осман кој постигна 22 поени и Кендрик Нан кој заврши со 19. Во финалето, Фенербахче ќе игра со подобриот од мечот меѓу Олимпијакос и Монако кој се игра од 20 часот.