Пелистер: Муса и Мачка нападнаа наша навивачка, а комесарот нас жестоко нѐ казни (ВИДЕО)
Инцидентот се случил во последната минута од натпреварот, кога, според битолчани, поранешната репрезентативка Едина Муса, удрила навивачка на домашниот тим. Таа во Битола била како животна сопатничка на претседателот на гостинската екипа, Александар Димитровски, инаку и самиот поранешен репрезентативец на Македонија.
„Пред крајот дојде до тензија, но истата беше иницирана исклучиво од гостите. Видео-снимката јасно покажува како Муса удира женско лице кое со своето дете го следи мечот на трибините, по што се вклучува и Димитровски, па мораше да следи интервенција од обезбедувањето, по што се крена и тензија во салата. Како во целокупниот опширен извештај на КФСМ на официјалните лица не е наведено кој е виновникот за она што се случи, ниту пак истите се санкционирани, би сакале некој јасно и децидно да ни објасни“, се вели меѓу другото во соопштението на битолчани.
Казна од 32.000 денари добил и спортскиот директор на зелено-белите, Марјан Илиевски, кој се симнал на теренот со цел да ги смири тензиите, но бил вулгарно пцуен од тренерот на Кожув. Но и покрај тоа, комесарот Милојевиќ му изрекол парична казна.
„Пелистер отсекогаш бил и ќе биде беспрекорен домаќин. Ланската сезона загубивме куп-финале на една топка од МЗТ, пред полни трибини и немаше апсолутно никаков инцидент, што е најдобар доказ за спортската култура на битолската публика. Проблем немаше да има ниту викендов, да не беше истиот инициран од гостите од Гевгелија. На нив, но и на оние кои ги изрекоа овие трагикомични санкции, нека им служи на чест, а Пелистер и во иднина ќе продолжи по зацртаниот пат, на спортски терен, а не преку шеми и „монтирани проблеми“ да доаѓа до највисоки резултати. А ако веќе го казнувате (како што очигледно сте решиле, по секоја цена), покажете храброст па санкционирајте ги и вистинските виновници“, дополнуваат од тимот од Битола.
Целото соопштение на битолчани може да го прочитате ТУКА.