Уште на стартот на квалификацискиот турнир за ФИБА Еврокупот, Работнички драстично си ги намали шансите за пласман во групната фаза од ова натпреварување.

Во првото коло од турнирот што се одржува во Скопје, најтрофејниот македонски клуб доживеа убедлив пораз (57-87) од можеби најголемиот ривал за првото место Рапид Букурешт и во следните два круга ќе му треба чудо и услуга од другите за да се надева на европска кошаркарска есен. Романците во Кале се покажаа како поорганизиран и поквалитетен тим и заслужено стигнаа до триумфот.

Реновираниот Работнички се одржуваше во игра во првото полувреме, на моменти знаеше да премине и во водство иако и во тие 20 минути Рапид беше подобар тим. На минута пред големиот одмор беше 41-41, а гостите заминаа на пауза со предност од 45-41.

Вториот дел не беше ни сенка на првиот, Работнички тотално потона и не успеа да го следи темпото на разиграниот противник. По 47-47, Рапид направи 17-6 за водство од 11 разлика со која и заврши третиот период (66-55). Последните десет минути македонскиот претставник тотално се распадна и дозволи дебакл пред своите навивачи.

Трајс и Џелетовиќ со по 15 поени беа најефикасни кај Работнички, но нашиот тим беше надигран во сите елементи. Оствари 16 скока помалку од Рапид (28/44), загуби четири топки повеќе (13/9), а погоди само три тројки од 20 шута. Натпреварите против Сабах и Донар Гронинген ќе бидат можност да се поправи впечатокот кога групната фаза останува само сон.

Во првиот натпревар од турнирот во Скопје, азербејџанскиот Сабах го победи Донар Гронинген со 75-72.