Илиевски доби наследник: Синот на Тони Симиќ шест години во дресот на Барселона!

Еден од најталентираните и секако најперспективни македонски кошаркари во моментов, Теодор Симиќ (14 години), од денеска и официјално е нов член на шпанскиот гигант Барселона, откако потпиша шестгодишен договор со составот од Каталонија.

Станува збор за син на поранешниот репрезентативен центар Тони Симиќ, кој веќе одамна ја надмина границата од 200 сантиметри и кој е добро познато име меѓу ловците на таленти ширум Европа. Неговото име беше поврзувано со трансфер во Панатинаикос, за што грчките медиуми веќе пишуваа, но Теодор и неговото семејство решија за Барселона, каде што добија долгогодишен договор и идеални услови за работа и напредок. Досега настапуваше за екипата на Партизан Водно санс.

Симиќ помладиот веќе ги мина сите лекарски прегледи во шпанскиот тим и се приклучи на тренинзите со своите врсници. Тој ќе биде само вториот македонски кошаркар кој ќе го носи дресот на Барселона, односно ќе биде своевиден наследник на Владо Илиевски. Популарниот „Леле што направивме“ од историското ЕП 2011 во Литванија настапуваше за Каталонците во периодот од 2003 до 2005 година.

Теодор Симиќ беше дел од репрезентацијата на Македонија до 14 години, а се најде и на поширокиот список репрезентативци за две години повозрасната кадетска репрезентација.