Димитриевиќ со меч на кариерата го однесе Уникс до титула и освои – МВП награда

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитриевиќ го одигра мечот на кариерата и со 34 поени го водеше Уникс Казан до победа со 98-89 против Локомотив Кубан за четврта и конечна победа во финалната серија и за освојување на титулата во ВТБ-лигата

После три руски купови и еден трофеј во Еврокупот, Уникс првпат во својата историја станува шампион на Русија после триумфот над Локомотив со 4-1 во финалната серија. Трето место во оваа сезона освои ЦСКА Москва, предводена од Емил Рајковиќ кој две сезони по ред е прогласен за тренер на сезоната.

Димитриевиќ после извонредниот кошгетерски учинок со 34 поени, додаде и пет скока и пет асистенции во вечерашната голема победа за тимот од Казан.. Најт со 16 и Лабери со 13 поени му беа поддршка за победата за титула.

Поради извонредните настапи во плејофот и посебно во финалето, македонскиот плејмејкер ја доби и наградата за МВП во плејофот.