
Рајт со звукот на сирената ја расплака Ц. Звезда, Будуќност ќе игра во финалето на АБА!
Будуќност и Црвена звезда одиграа исклучително интересен и неизвесен натпревар кој имаше драматична завршница која им припадна на домаќините од Црна Гора.
Кога се чинеше дека Црвена звезда се избори за продолженија, најдобриот во составот на Будуќност, Мекинли Рајт погоди со последниот шут на мечот и му донесе победа на својот тим од 81-78.
Натпреварот беше неизвесен, салата Морача не ја имаше вообичаената бучава бидејќи на Будуќност му затворија 70 проценти од капацитетот, Црвена звезда имаше релативно мирен терен, но не успеа да дојде до десеттото финале по рeд.
На овој меч најдобар на теренот беше токму херојот, Рајт кој постигна 25 поени, најефикасен кај Црвена звезда беше Матеус со 16 поени.
Будуќност и Партизан за првпат ќе имаат меѓусебен дуел во финалето на АБА лига.
Финалната серија ќе се игра во три добиени, за разлика од полуфиналните кои се играа во две. Будуќност ќе ја има предноста на домашен терен бидејќи беше прв во регуларниот дел од сезоната.