Марјан Илиевски ќе биде новиот кошаркарски селектор на Македонија!?

Двојниот освојувач на Балканската лига (БИБЛ), Марјан Илиевски, ќе биде новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, дознава „Спорт1“, а неговата официјална промоција се очекува да се случи набрзо.

Станува збор за еден од најискусните тренери во македонската кошарка во моментов, кој изминативе пет години е дел од Пелистер, кој со негова помош првпат во историјата се најде во врвот од макбаскетот. Илиевски до крајот на 2023 година ја имаше улогата на прв стратег на битолските зелено-бели, а оттогаш ја има функцијата на спортски директор.Тој до меѓународните титули дојде со Блокотехна и со Приштина, а има работено како тренер и во Лирија, Кожув и косовскиот тим Раховеци. Играчката кариера, пак, ја почна во сега новиот прволигаш Маџари, а играше и во Куманово и во Никол Ферт.

Илиевски доаѓа на местото на Александар Јончевски и тоа во исклучително тежок момент за националниот тим, кој летово ќе настапи во претквалификациите за пласман на СП 2027. За него ова ќе биде прва репрезентативна функција, иако беше најсериозен кандидат за селектор уште во 2015 година пред настапот на жолто-црвените на ЕП во Загреб.