Министерството за спорт иницираше нов проект: Потпишани договори со МРТ, РФМ, КФМ и ОФМ!

Во Министерството за спорт денеска беше презентиран новиот проект за промоција и популаризација на македонскиот спорт. Три национални спортски федерации – ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација на Македонија  потпишаа договори за соработка со Македонската радио телевизија (МРТ)

Договорот е потпишан со цел да се подигне квалитетот на македонските лиги во најмасовните спортови, но и генерално да се подигне нивото со поголема полуразирација на спортот.

Се работи за еден голем проект кој, народски кажано, чини многу пари, меѓутоа ние како министерство и како држава сме подготвени да го поддржиме заедно и во соработка со МРТ и со националните спортски федерации, а сѐ во интерес и за промоција на македонскиот спорт. Ова е прв чекор од она што треба да го направиме, прво за популаризација на македонскиот спорт, на македонските играчи, а во ист момент да помогнеме и со привлекување на што повеќе спонзори, затоа што не е исто кога она што го спонзорирате оди и на телевизија секоја недела или 2-3 пати во неделата. Од друга страна мислам дека треба да почнеме и македонските национални првенства да ги подигаме на што е можно повисоко ниво, младите македонски спиортисти да ги третираме на ниво на кое што треба да бидат третирани и да почнеме да создаваме нови спортски ѕвезди – рече министерот за спорт Борко Ристовски нагласувајќи дека овој проект ќе донесе повеќекратен бенефит.

Нашиот интерес како Министерство за спорт е да има што повеќе спорт на телевизиските програми, да го промовираме македонскиот спорт, да ги промовираме младите македонски спортисти и на тој начин да привлечеме што е можно повеќе деца да почнат да се бават со спорт и на крај на денот, од сето ова да имаме не само спортски, туку и општествен бенефит –  истакна Ристовски.

Одговорниот уредник на МТВ1, Драган Николовски соопшти дека договорите на јавниот сервис со трите национални спортски федерации се однесува на проект кој ќе стратува од септември и треба да трае четири сезони.

Министерството за спорт на чело со министерот Борко Ристовски го препознаа моментот и изразија полна поддршка на идејата трите федерации – ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација на Македонија да влезат во едно партнерство на повисоко ниво со МРТ кадешто заеднички интерес на сите би била уште поголема афирмација и промоција на македонскиот спорт. Станува збор за еден проект кој што би траел четири сезони, до летото 2029 или во цел еден олимписки циклус во кој се надеваме дека како јавен сервис ќе помогнеме повеќе да се исопромовираат нови спортисти, нови имиња и  најдоброто и најквалитетното од македонскиот спорт да стигне до што поголем дел од публиката. Во принцип, идејата е во секоја натпреварувачка сезона во наредните четири години на јавниот сервис, односно на спортско-забавниот канал МТВ3 да бидат емитувани најмалку 50 директни преноси од ракометното, од кошаркарското и од одбојкарското првенство. Ова би било на некој начин прво полувреме, на ист начин, иста или слична поддршка, во вториот дел на проектот ќе има за младинскиот спорт –  посочи Николовски.

Проектот за поголема видливост и популаризација на македонскиот спорт наиде на позитивен одзив и кај раководните луѓе на трите национални спортски федерации

Ние веќе направивме еден пилот проект со МТВ со финалните натпревари во младинска конкуренција. Одзивот и реакциите беа многу позитивни. Кога имате ТВ пренос и услови во салата како кога се игра натпревар од европско првенство или од лига на шампиони, децата добиваат уште поголема желба да играат и да спортуваат, бидејќи и тие се видени и препознаени во училиштатат и во нивните средини. Мислам дека овој проект требаше да се имплементира и многу порано и дека идејата е за поздравување – рече претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски

Потпретседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Младен Ѓуроски во проектот гледа шанса за враќање на младите на кошаркарските терени.

Како кошаркарска федерација, ние овој договор го гледаме како можност за да инволвираме во кошарката што повеќе млади. Знаеме дека кошарката во последните години ни е во опаѓање и ова ќе го искористиме да ги вратиме младите на кошаркарските терени. Пред сѐ би сакал Првата кошаркарска лига да делува европски и светски – рече Ѓуроски.

За претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов,  договорот со МРТ ќе значи уште поголема афирмација и популаризација на ракометот како спорт број еден во Македонија.

Чест и задоволство е што сме дел од овој тим овде и што почнуваме еден проект кој што ќе придонесе многу, како за другите спортови, така и за македонскиот ракомет, генерално. Самиот проект носи директни преноси, интерактивна програма која вклучува интервјуа, статистика во живо, простор за спонзиори кои ќе можат да се рекламираат и ќе донесат финансиски бенефит за федерацијата и за клубовите. Целиот проект е навистина за поздравување. Само со успешни спортски приказни, со создавање на нови идоли, со привлекување на нови деца во спортот, може да го издигнеме спортот. Проектот почнува од септември и се надевам дека ќе придонесе за уште поголема популаризација и афирмација на ракометот, ќе привлече нови спортисти и во машкиот и во женскиот ракомет – истакна Стефанов.