Реал Мадрид си ја осигура иднината: Чуамени потпиша до 2032 година!

Шпанскиот фудбалски гигант Реал Мадрид официјално ја продолжи соработката со францускиот репрезентативец Орелиен Чуамени (26 години), кој според новиот договор ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“ сè до 30 јуни 2032 година.

Со овој потег, мадридскиот клуб ја потврди огромната доверба во Чуамени, кој во изминатите сезони се наметна како еден од најважните фудбалери во тимот. Продолжувањето на соработката претставува уште еден показател за долгорочната стратегија на Реал Мадрид да ги задржи своите клучни играчи и да ја обезбеди стабилноста на проектот во следните години.

Чуамени пристигна во Реал Мадрид пред четири години од таборот на Монако, а досега има одиграно 205 натпревари во дресот на „кралскиот клуб“. Во тој период тој освои осум трофеи, меѓу кои една титула во Лигата на шампионите, две светски клупски титули, два европски Суперкупа, една титула во Ла Лига, како и по еден трофеј во Купот на кралот и шпанскиот Суперкуп.

Французинот е и стандарден репрезентативец на својата земја, за која досега забележа 50 настапи, а во 2021 година го освои и трофејот во Лигата на нации.