Русија повторно надвор од европскиот фудбал: УЕФА ја затвори вратата и за Евро 2028!
Одлуката произлегува од официјалната документација на УЕФА за квалификацискиот циклус, а истата информација ја потврдија и повеќе меѓународни медиуми. Генералниот секретар на европската фудбалска централа, Теодор Теодоридис, испратил известување до членките на организацијата, во кое се наведени 54 репрезентации што ќе учествуваат во квалификациите. Русија не е меѓу нив.
Ждрепката ќе се одржи на 6 декември во Белфаст, а селекциите ќе бидат распоредени во 12 групи со по четири или пет учесници. Квалификациските натпревари ќе започнат во март 2027 година и ќе траат до ноември истата година, додека баражите се предвидени за март 2028.
Ова е продолжение на суспензијата што ФИФА и УЕФА ја воведоа во февруари 2022 година, по почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Оттогаш руските репрезентации и клубови немаат право да настапуваат во официјалните натпреварувања под покровителство на двете фудбалски организации.
Последиците се сериозни за рускиот фудбал. Сениорската репрезентација ги пропушти Светските првенства во 2022 и 2026 година, како и Европското првенство во 2024 година, а сега ќе го прескокне и квалификацискиот циклус за континенталниот шампионат во 2028 година.
Евро 2028 ќе се игра во Англија, Шкотска, Велс и Република Ирска, а завршниот турнир ќе собере 24 репрезентации. За Русија, меѓутоа, патот до континенталното првенство е затворен уште пред да биде извлечена групната фаза.