Гвардиола ги одби и понудите од Саудиска Арабија

Пеп Гвардиола добил неколку понуди од Саудиска Арабија, но ги одбил сите и засега не планира да се врати на тренерската работа. Ова го потврди неговиот долгогодишен агент Жозеп Марија Оробитг, кој откри дека интересот од Блискиот Исток бил конкретен, но дека шпанскиот стратег не сака да ги разгледува понудите.

Гвардиола е без ангажман по заминувањето од Манчестер Сити, каде што помина десет години и освои бројни трофеи. Неговото име во изминатиот период се поврзуваше со неколку можни тренерски позиции, меѓу кои и со преземање на репрезентацијата на Саудиска Арабија.

„Во последните денови преку посредници добивме понуди од Саудиска Арабија, но Гвардиола целосно одбива да ги разгледа“, изјави Оробитг за саудискиот медиум „Ал Ријадија“.

Сепак, 55-годишниот тренер нема намера да брза со изборот на следниот предизвик. Според неговиот агент, Гвардиола планира разговорите за иднината да ги започне дури пред почетокот на следната сезона.

„Пеп официјално ќе започне да разговара за својата иднина околу почетокот на следната сезона. Тоа е неговата конечна одлука во овој момент“, додаде Оробитг.

Саудиските клубови во последните години вложуваат огромни средства за привлекување на најголемите фудбалски имиња, а ангажманот на тренер од калибарот на Гвардиола би претставувал уште еден голем чекор во нивниот проект.

Шпанецот, сепак, засега останува на ставот дека му е потребен одмор по долгогодишната работа на највисоко ниво. Неговото враќање на тренерската сцена се очекува дури пред почетокот на следната сезона.