Се комплицира ситуацијата со Синер - уште не може нормално да тренира

Јаник Синер сè уште не успева да се ослободи од проблемите со повредата на десното колено, па италијанскиот тенисер е подготвен да побара дополнително медицинско мислење во Соединетите Американски Држави. Неговото враќање на терените станува сè понеизвесно, а во меѓувреме се појавуваат и сомнежи дали ќе биде подготвен за првиот Гренд слем турнир во 2027 година – Австралија опен.

Според информациите на италијанските медиуми, Синер и неговиот тим сакаат уште едно стручно мислење пред да донесат конечна одлука за продолжувањето на лекувањето. Проблемот е поврзан со воспаление на надворешната страна на коленото, кое најверојатно е последица на преоптоварување од тренинзи и натпревари.

Иако италијанскиот тенисер веќе имаше консултации со професорот Алберто Зангрило и медицинскиот тим на болницата „Сан Рафаеле“ во Милано, болките сè уште му создаваат проблеми и не му дозволуваат редовно да тренира. Особено загрижува фактот што, според досегашните информации, лекарите во Италија засега се определиле за конзервативен пристап, со одмор и противвоспалителна терапија, а не за хируршка интервенција. Сепак, дополнителната консултација во САД треба да помогне во изборот на најдобриот начин за продолжување на рехабилитацијата.

Австралија опен, кој се игра за два месеца, сега е под сериозен знак прашалник. Синер претходно најави дека токму Мелбурн е неговата главна цел за враќање, а се надеваше дека пред тоа ќе одигра и неколку подготвителни турнири.

Последниот официјален натпревар Италијанецот го одигра во финалето на Вимблдон во јули, кога го совлада Александер Зверев. Поради проблемите со коленото ја заврши сезоната во октомври и ги пропушти последните големи турнири, вклучувајќи го и завршниот Мастерс во Торино.