Слатки се милионите: ФИФА ќе го задржи правилото кое не им се допадна на навивачите

ФИФА ја разгледува можноста задолжителните паузи за хидратација да останат дел од натпреварите и на Светското првенство во 2030 година, откако прекините за освежување на годинашниот Мундијал во САД, Канада и Мексико предизвикаа бројни полемики.

Според пишувањето на британски „Гардијан“, документацијата наменета за продажба на телевизиските права за следното Светско првенство предвидува можност за емитување реклами за време на овие паузи. Од ФИФА за „Гардијан“ нагласиле дека конечната одлука сè уште не е донесена и дека документите мора да опфатат различни сценарија. Меѓу нив се и вообичаените паузи за разладување, кои УЕФА ги применува само во услови на високи температури.

Поради тоа, засега не е познато дали прекините ќе останат задолжителни на сите натпревари или нивното воведување ќе зависи од временските услови.

На годинашното Светско првенство натпреварите беа прекинувани по три минути во средината на секое полувреме. Оваа практика се применуваше на сите 104 натпревари, без оглед на температурата, па дури и на стадионите со климатизација.

ФИФА ја образложи одлуката со грижата за здравјето на фудбалерите, додека критичарите сметаа дека вистинската цел е да им се овозможи на телевизиските куќи дополнителен простор за рекламирање. Се проценува дека телевизиските оператори благодарение на рекламите за време на овие прекини остварувале приходи од 1,7 до 7,7 милиони евра по натпревар.

Американската телевизиска куќа „Фокс“ од рекламирањето за време на турнирот инкасирала приближно 720 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од 415 милиони евра колку што издвоила за телевизиските права.

„Гардијан“ наведува дека вредноста на американските телевизиски права за Светското првенство во 2030 година би можела да порасне на сума меѓу 1,3 и 1,7 милијарди евра.

Иако ФИФА директно не остварува приходи од рекламите емитувани за време на паузите, дополнителните можности за рекламирање би можеле значително да ја зголемат вредноста на идните телевизиски договори.