Награда за одличните настапи, „вундеркидот“ на Барса потпишува до 2030 година

Барселона ја обезбедила иднината на еден од најперспективните фудбалери од својата „Ла Масија“, 19-годишниот Чави Еспарт, кој со одличните настапи сезонава се избори за место во првиот тим на каталонскиот гигант.

Младиот играч од средниот ред според најавите утре официјално ќе стави потпис на новиот договор, кој ќе го обврзе на верност кон Барселона до 30 јуни 2030 година.

Неговиот досегашен истекуваше во 2028 година, но раководството на клубот реши да му ги подобри условите и да ја продолжи соработката за дополнителни две сезони, како награда за одличните настапи по промоцијата во сениорскиот состав.

Еспарт, кој е роден во Каталонија, дебитираше за првиот тим минатата сезона, но вистинската можност ја доби на летните подготовки. Таму успеа да го убеди тренерот Ханси Флик, па сезонава го носи дресот со бројот 12.