Добра вест за ракометните вљубеници - ќе има ТВ пренос од дербито во Автокоманда!

Ракометна вечер со голем влог и посебна приказна ја очекува домашната спортска јавност во салата „Автокоманда“, каде што Алкалоид ќе го пречека Пелистер (18 часот) во дерби-натпреварот од 11. коло во Супер лигата.

По големиот интерес во јавноста и разочараноста кај љубителите на ракометот поради првичните најави дека натпреварот ќе може да се следи само преку Јутјуб, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) направи дополнителен напор и во последен момент обезбеди директен телевизиски пренос на каналот МТВ3. Покрај исклучително важните бодови во трката за самиот врв на табелата, оваа пресметка носи и дополнителна тежина поради соочувањето на две големи тренерски имиња – Кирил Лазаров и Лино Червар.

Иако зад себе имаат долгогодишна успешна соработка и огромно меѓусебно почитување, ова ќе биде нивна прва средба во која ќе се најдат на спротивставени страни како тренери. Своевремено, Лазаров беше еден од најважните играчи во тимовите предводени од Червар, кој имаше големо влијание врз неговиот ракометен развој, па токму затоа дербито носи и силна симболика како дуел меѓу ученикот и учителот. Македонецот, воедно, ќе се обиде првпат да излезе како победник во пресметките со учителот.