
Од романтика до катастрофа: Нејмар е пред заминување од Сантос!
По 11 одиграни кола во бразилската Серија А, Сантос се наоѓа на 18. место и се соочува со сериозна битка за опстанок. Нејмар се врати од Ал Хилал на почетокот на оваа година, но досега речиси и да не покажа ништо. Сè уште нема постигнато ниту еден гол во националниот шампионат и има забележано само четири настапи. Во локалната лига Паулиста погоди три пати, но таа е помалку важна од најсилната Серија А.
На последниот настап Нејмар доби црвен картон и тоа откако топката ја турна со рака во мрежата. Судиите го забележаа и поради втор жолт картон беше исклучен. Ботафого ја искористи предноста од фудбалер повеќе и во 87. минута постигна гол за победа.
„Понекогаш очајно сакам да постигнам гол, па правам глупост. Им се извинувам на навивачите и на соиграчите. Да не бев исклучен, веројатно ќе беше поинаку. Тимот играше одлично. Честитки за сите. Во Бразил има многу лоши судии, првиот жолт картон беше смешен. Тоа е мое мислење, немојте да ме казните“, напиша Нејмар по натпреварот.
Инаку, токму од Сантос во 2013 година се пресели во Европа, во трансфер вреден 88 милиони евра, кога потпиша за Барселона. Подоцна ПСЖ го откупи неговиот договор за неверојатни 222 милиони евра, трансфер што и денес останува најскап во историјата на фудбалот.
Но, во последните две години, Нејмар не игра сериозен фудбал. По трансферот во Ал Хилал за 90 милиони евра, најчесто беше надвор од терените поради повреди, а сега истото се случува и во Сантос.