„Децата ни спиеја во шупи со мувла, храната беше одвратна, кимоната сами си ги плаќавме...“

По патешествието што го имаа младите македонски каратисти на Балканското првенство во Црна Гора, на социјалните мрежи се огласи еден од родителите на спортистите кој откри дека проблемите со превозните средства не биле единствени со кои тие се соочиле.

Тој тврди дека и покрај високата цена за целокупниот аранжман, кој бил на сметка на родителите, каратистите немале апсолутно никакви услови, почнувајќи од опремата која исто така сами ја платиле, до сместувањето.

 

 

„Автобусите со кои се превезуваа репрезентативците се расипаа уште на тргнување, па поаѓањето беше одложено за неколку часа. Истиот проблем се повтори кога тие тргнаа кон Македонија, едниот од двата автобуса се расипа на црногорско-албанската граница по што децата беа префрлени во помал автобус каде седеа по тројца на две седишта. Сместувањето беше катастрофално, во ’никакви’ апартмани, без услови за спиење, со мувла по ѕидовите и хигиена на најниско ниво. Храната беше уште полоша, тоа не можат д го јадат ни возрасни, а не деца. Спортската опрема, односно тренерките, маичките и кимоната со амблем на Македонската карате федерација сами си ги плативме“, вели, меѓу другото, револтираниот родител.

За целиот пакет, родителите плати по безмалку 14.000 денари по спортист, за три полупансиони.