ГРК Охрид го официјализира договорот со бомбардерот на Вардар!

Српскиот ракометар, Стефан Петриќ (24 год, 197 см) од денеска е новото засилување за Охрид за следната сезона, откако клубот ја официјализира неодамнешната најава во медиумите.

Станува збор за лев бек, кој крај Охридското езеро доаѓа од таборот на Вардар, каде што беше еден од најзаслужните за освојувањето на Купот на Македонија минатиот викенд. Петриќ кариерата ја почна во Црвена звезда, од каде што во 2019 година му се приклучи на Партизан и се наметна како еден од најперспективните млади играчи во земјата.

Петриќ пред две години се пресели црвено-црниот табор, каде што успешна кариера во минатото имаше и неговиот татко, Владимир Петриќ. Тој во првата сезона со Вардар постигна 11 гола во Европската лига, а во втората сезона додаде уште 9 гола.

Петриќ дополнително ќе го засили тимот на „гладијаторите“ за следната сезона, во која охриѓани се надеваат дека ќе се вмешаат во битката за трофеите на домашна сцена.