Јагма за билети за пресметката меѓу Јокиќ и Дончиќ: Можеме да продадеме 100 илјади

Идната недела во Белград, кошаркарските репрезентации на Србија и Словенија ќе одиграат пријателски меч кој ќе биде генерална проба пред Европското првенство кое почнува на 27 август.

Дуелот ќе се игра во Арена која собира повеќе од 20 илјади гледачи, но очигледно и тоа е малку за да ги собере сите заинтересирани кои сакаат во живо да го проследат мечот меѓу големите НБА ѕвезди Никола Јокиќ и Лука Дончиќ. Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Србија, Небојша Човиќ вели дека лесно би можеле да продадат шестцифрен број билети за тој натпревар.

„Голем дел од влезниците се продадени, а мислам дека на 17 или 18 август ќе биде пуштен дополнителен контингент. Да имаме можност да продадеме 100 илјади, би продале толку, огромен е интересот“, откри Човиќ.

Србија со големи амбиции го очекува Еуробаскетот на кој е прв фаворит за златниот медал што го чека од осамостојувањето. Словенија е со Лука Дончиќ, но ни навивачите во оваа земја не веруваат дека може да се вмеша во борбата за медалите.