Луда приказна од Шведска: Тим од село со 800 жители може да стане шампион!

Неверојатна приказна ни пристигнува од Шведска каде што во овој момент лидер во првенството по 19 кола е екипата на Мјалби, клуб од село кое има помалку од 1.000 жители.

Нивното село Халевик е сместено на брегот на Балтичкото море на југот на земјата и брои само 813 жители.

Токму поради ова веќе се запишаа во Гинисовата книга на рекорди како екипа од најмалото место која се натпреварува во највисок ранг на едно национално првенство. Интересно е што играат на стадионот „Страдвален“ кој е сместен во селото и може да прими 6.500 жители, што  е неколку пати повеќе од сите луѓе кои живеат во местото.

Мјалби во овој момент има четири бода предност на врвот во однос на второпласираниот Хамарби.

До крајот на првенството останаа уште 11 кола и доколку ја задржат формата историјата ќе ги памети како шампиони од најмало место во шведската фудбалска елита и тоа сигурно ќе биде рекорд кој долго никој не би го срушил.