Меџедовиќ не беше проблем, Алкараз без мака во осминафиналето

Карлос Алкараз ја мина и втората пречка на Мастерсот во Синсинати откако вечерва го совлада српскиот тенисер Харун Меџедовиќ со 2-0 (6-4, 6-4).

Иако мечот траеше 95 минути, Меџедовиќ не претставуваше голем проблем за големиот фаворит кој го диктираше темпото и  можеше порано да ја заврши работата. Првиот сет го освои благодарение на брејкот во седмиот гем кој го доби по голема борба и испуштени три брејк топки.

Во вториот сет беше мирно до петтиот гем, а потоа следуваа три брејка во низа од кои два освои Алкараз. Во натамошниот дел од мечот повторно беше мирно и Шпанецот обезбеди пласман во следната фаза.

Во осминафиналето, Алкараз ќе се сретне со Лука Нарди од Италија кој се пласираше во оваа фаза бидејќи Меншик го предаде меѓусебниот дуел.