Откриено што вдишува Димитриевски за да прави чуда на голот во Шпанија (ВИДЕО)

Шпанските телевизиски камери уловија интересен момент поврзан со македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски непосредно пред настапите за неговиот клуб Валенсија.

На снимката јасно се гледа како член на клупскиот медицински тим го мачка чуварот на мрежата со маст по градите, најверојатно на база на ментол, по што му дава и да вдиши од неа. Оваа медицинска метода често се практикува во речиси сите клубови бидејќи маста од ментол им помага на фудбалерите за значително полесно дишење во текот на големите физички напори за време на натпреварот.

Овој ритуал очигледно вродува со плод бидејќи Димитриевски оваа сезона се наметна како стандардно решение на голманската позиција во редовите на шпанскиот прволигаш. И покрај тоа што на тимот не му оди најдобро на самиот старт од сезоната, македонскиот интернационалец се истакнува како еден од најдобрите поединци во таборот на „лилјаците“.

Тој редовно спасува сè што е во негова моќ, но јасно е дека и неговите соиграчи ќе мора навремено да ја завршуваат својата работа на теренот. Валенсија во моментов е претпоследна на табелата со само четири бода од седум натпревари.