Фудбалерите на Ваљадолид пронајдоа малолетен мигрант скриен под нивниот автобус!
Овој настан доаѓа во период на големи тензии околу шпанската африканска енклава Сеута, од каде што во последните недели се случуваат масовни влегувања на мигранти од Мароко на територијата на Шпанија. По завршувањето на натпреварот во неделата навечер, фудбалерите и тренерите патувале со два автобуса, прво преку траект до континенталниот дел на земјата, а потоа по автопатот кон Ваљадолид.
Околу еден час по почетокот на патувањето на шпанско тло, автобусот со играчите морал да застане поради чудни звуци кои ги забележал возачот. При проверката, кај задната оска меѓу тркалата на автобусот бил пронајден скриен 17-годишно момче од Мароко. Неверојатно е тоа што тој не бил забележан ниту при царинската проверка при излезот од енклавата, ниту при полицискиот претрес на автобусите пред заминувањето од стадионот, мерка која е воведена токму поради стравот од обидите на мигрантите да влезат на територијата на Шпанија на најразлични начини.
Младиот Мароканец веднаш бил пренесен во болница. Иако бил пронајден жив, тој се наоѓал во исклучително тешка состојба поради огромниот напор да се задржи под автобусот, како и поради екстремните температури и испарувањата од горивото со кои морал да се бори за време на патувањето.
„Сите во клубот се шокирани од она што се случи. Никогаш не сме виделе вакво нешто. Играчите беа длабоко потресени од состојбата на момчето и ризикот на кој го изложил својот живот“, се наведува во официјалната позиција на фудбалскиот клуб Ваљадолид.