Шкендија за едно полувреме прегазена во Баку, среќата ќе ја бара во Лига Европа (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија го заврши настапот во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) за оваа сезона, откако убедливо загуби во вечерашниот реванш дуел од третото коло на гостувањето кај Карабах (1-5).

Азербејџанците со ова само го потврдија триумфот од пред седум дена во Скопје (1-0), со што го испратија македонскиот првак во плејоф-рундата за влез во групната фаза од Лига Европа. Тетовци феноменално го почнаа мечот во Баку, откако сенегалскиот интернационалец Фабрис Тамба по само десет минути им донесе неочекувано водство за вкупен егал. Но, нивната радост траеше кратко, а сонот за изненадување како да се распарчи во само две минути. Албанецот Клисман Цаке во 16. минута си постигна автогол за изедначување на резултатот, додека 120 секунди подоцна Кади Боргес направи целосен пресврт за домаќинот.

И потоа следуваше период на апсолутна доминација на домаќинот, која пред крајот на натпреварот на сличен начин му донесе уште поголемо водство. Прво Акунѕаде во 33. минути дополнително го зголеми водството на Азербејџанците, а две минути подоцна Јанковиќ од пенал речиси да ги реши сите дилеми околу патникот во плејоф-фазата во ЛШ. Потврда на огромната разлика дојде на истекот на еден час од играта, кога Леандро Андраде го постави конечниот резултат.

Шкендија во последниот квалификациски двомеч летово ќе се сретне со поразениот од пресметката меѓу Лудогорец и Ференцварош, кои вечерва во Унгарија ќе ги решат сите дилеми со оглед што првата средба во Бугарија заврши со резултат 0-0.