Шкендија почна сензационално во Баку, па двапати прими по два гола за 120 секунди (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија феноменално го почна реванш-натпреварот од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите против Карабах на теренот на противникот, откако сенегалскиот интернационалец Фабрис Тамба по само десет минути му донесе неочекувано водство на македонскиот првак.

Тетовци со ова дојдоа до вкупен егал, односно го анулираа минусто од првата средба, која составот од Азербејџан ја доби со 1-0. Но, нивната радост траеше кратко, а сонот за изненадување како да се распарчи во само две минути. Албанецот Клисман Цаке во 16. минута си постигна автогол за изедначување на резултатот, додека 120 секунди подоцна Кади Боргес направи целосен пресврт за домаќинот.

Потоа следуваше период на апсолутна доминација на домаќинот, која пред крајот на натпреварот на сличен начин му донесе уште поголемо водство. Прво Акунѕаде во 33. минути дополнително го зголеми водството на Азербејџанците, а две минути подоцна Јанковиќ од пенал речиси да ги реши сите дилеми околу патникот во плејоф-фазата во ЛШ.