
ЕХФ потсети на легендарната пресметка меѓу Лазаров и Хансен во 2012 година (ВИДЕО)
Македонија против Данска, во првото коло од втората фаза од шампионаатот што се одржа во Србија. Мечот се одигра во Белград пред 17 илјади гледачи, Македонија имаше и седум гола предност и буквално го мелеше противникот, а победа на тој меч најверојатно ќе ја однесеше во полуфиналето.
За жал, на крајот Данците славеа со 33-32 откако постигнаа гол во последната секунда. Македонија имаше напад, можеше да ја чува топката до крај, но избрза, Данците ја освоија топката и во транзиција ја затресоа мрежата со звукот на сирената.
Мечот го одбележа пресметката меѓу двајца од најдобрите бекови во светот во тој период - Кирил Лазаров од Македонија и Микел Хансен од Данска кои заедно реализираа 25 од вкупно 65 гола на тој меч. Нашиот капитен ја доби интерната битка, постигна 13 гола, еден повеќе од Хансен, но на крајот се радуваше противникот.
На крајот на првенсгвото, Данска ја освои титулата, а Македонија заврши на петтото место, но Лазаров со 61 гол беше прв стрелец.