Епилог на скандалот во Белград: За сѐ е виновен спикерот

Црвена Звезда вечерва официјално ќе биде крунисана во шампион на Србија, деветти пат по ред откако синоќешниот натпревар против Партизан ќе биде регистриран во нејзина корист со 20-0.

Иако вчерашните најави во српските медиуми беа дека вториот меч ќе се доигра во текот на денешниот ден, излезе дека тоа не е вистина. Такво нешто кажа официјалниот спикер во белградската Арена и поради него дојде до ситуација играчите на Партизан да си заминат дома, а на Звезда да се вратат на теренот и да го „доиграат“ мечот.

„Единствени кои се меродавни се првиот судија и делегатот, сите информации ги добивате од нив. Она што официјалниот спикер го направи, немам објаснување за тоа, не смееше да се случи бидејќи е на штета на Партизан. Цело време бев во комуникација со делегатот и знам што е направено, а се е во согласност со пропозициите“, изјави директорот на Кошаркарската лига на Србија, Александар Грујин.

Во своето соопштение, Партизан објави дека од судиите е добиена информација дека денеска ќе се доигра натпреварот, но и покрај тоа клубот не поднесе жалба.