Јокиќ испиша лична, ама и тимска историја во елиминацијата на Клиперс (ФОТО)

Кошаркарите на Денвер Нагетс обезбедија пласман во финалето на Западната конференција откако во синоќешната „мајсторка“ го совладаа ЛА Клиперс (120-101), во која Никола Јокиќ одново влезе во историјата на НБА лигата со ново извонредно издание.

Српскиот центар мечот го заврши со 16 поени, 10 скокови и 8 асистенции, а во серијата беше лидер на својот тим во сите три категории — поени, скокови и асистенции. Ова е деветти пат во кариерата да биде најдобар во сите статистики во една плејоф серија, што го искачи на второто место во историјата — веднаш зад Леброн Џејмс кој тоа го направил 24 пати.

Овој успех е значаен и зашто Јокиќ првпат во кариерата елиминира тим со 50 или повеќе победи во регуларниот дел од сезоната. Клиперс ја завршија сезоната со биланс 50-32, што ги прави најсилниот противник што српскиот кошаркар некогаш го совладал во една плејоф серија. На патот до титулата во 2023 година, Денвер ги елиминираше Минесота, Финикс, ЛА Лејкерс и Мајами — тимови што немаа 50 победи во регуларната сезона.

Дополнително, Денвер влезе во историјата како првиот тим што имал шест играчи со најмалку 15 поени во седми меч од плејоф серија. Покрај Јокиќ, кој постигна 16 поени, тоа го направија и Гордон (22), Браун (21), Мареј (16), Вестбрук (16) и Портер Џуниор (15).

Составот од Колорадо во полуфиналето на Западот ќе се соочи со Оклахома сити тандер. Првиот натпревар се игра во ноќта меѓу понеделник и вторник од 3.30 часот, а вториот два дена подоцна, во истиот термин. Првите два меча се во Оклахома, додека третата и четвртата средба ќе се одиграат во Денвер — третиот во ноќта меѓу петок и сабота од 4 часот, а четвртиот во недела од 21.30 часот по македонско време. Термините за евентуалните петти, шести и седми натпревар ќе бидат објавени дополнително, ако бидат потребни.

ФОТО: EPA PHOTO