Се тепаа со столчиња: Жестока навивачка пресметка во Аеродром (ВИДЕО)

Кошаркарското дерби помеѓу МЗТ Скопје и Пелистер донесе одлична кошарка во првото полувреме, во кое доминираше домашната екипа, но и во кое дојде до жестока навивачка пресметка.

Инцидентот се случи на стартот од втората четвртина, набрзо откако во салата влегоа фановите на гостинскиот тим, популарните „Чкембари“. Поголема група беше собрана во нивна близина, па веќе по неколку минути тргнаа да се тепаат со битолските фанови. Среќа, помеѓу нив имаше кордон од обезбедувањето и од полицијата, па до блиска средба не дојде, но имаше вистинска војна со столчиња, кои летаа од едните кон другите навивачи. Со оглед на нивната големина и острина, навистина е голема среќа што не дојде до посериозни повреди на двете страни.

Неофицијално, пресметката беше помеѓу „Чкембари“ и дел од навивачите на Вардар, кои со ова сакаа да се реваншираат за нечесниот напад, кој врз нив го имаа обезбедувачите на неодамнешното ракометни дерби во Битола, при обидот да ги изнесат од салата пред да заврши натпреварот. Членовите на „Фемили“ за време на инцидентот беа на спротивната страна од салата, на традиционалното место од каде што ги бодрат своите миленици.