Кошаркарска куп-еуфорија во Европа, ама не и во – Македонија (ФОТО)

Пренатрупаниот клупски календар поради повеќето европски натпреварувања беше причина што во последната деценија речиси сите поразвиени кошаркарски земји на Стариот континент прифатија универзален термин за одржување на завршницата од националните купови, што секаде ќе биде испочитувано и годинава, но не и во – Македонија.

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) втора година по ред, на мала врата, го прескокнува организирањето на фајналејт-турнирот во натпреварувањето, кое годинава треба(ше) да дебитира со името на трагично загинатата легенда, Благоја Георгиевски-Буштур. Без разлика што во календарот за сезоната 2020/21 децидно стои дека куп-завршницата треба да се одигра од 12 до 14 февруари, тоа дефинитивно нема да се случи. Предводниците на македонската кошарка не најдоа за сходно да дадат било какво објаснување или официјална информација до клубовите и јавноста зошто се решиле на ваков чекор, односно зошто го прекршуваат календарот што самите го имаат изгласано.

Со оглед на вчерашниот стартот на подготовките на националниот тим, јасно е дека приоритет во ситуацијава доби репрезентацијата, што за никого и не е спорно. Но, прашање е зошто КФМ продолжува со нетранспарентната работа и со не давањето отчет за својата работа во јавноста, чија основна задача е да даде своја проценка дали тоа е исправно или не. Вака го доведуваат во опасност одигрувањето на првото издание на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, пред сѐ поради пренатрупаниот календар поради настапите на четири македонски екипи во европските натпреварувања.

Главно прашање што во моментов се наметнува е како комесарот за натпреварување, заедно со своите претпоставени и секако првиот човек на макбаскетот, Перо Антиќ, ќе најдат слободен термин за ова натпреварување во ситуација кога МЗТ Скопје и Работнички во март ќе настапат на два турнири од АБА2-лигата и настапи на Куманово и ТФТ во БИБЛ-лигата. Потоа, во април ќе се игра и завршниот турнир од АБА2-лигата, на кој сигурно ќе има барем еден македонски тим. Ако на ова се додаде фактот што сѐ уште има да се одиграат уште многу одложени средби од Првата лига, како и уште осум кола од оваа воведна фаза од првенството, што што ќе следува Суперлигата и плејофот, тогаш е јасно дека само со магионичарски трикови ќе може да се најдат термини сето ова да се одигра регуларно и на време, до крајот на мај.

И додека комесарот Сречко Хорват и раководството на КФМ ќе си ја „удираат“ главата барајќи термини за одигрување на сите овие натпревари, на вљубениците на кошарката во државата им преостанува викендов наместо возбудувањеа од Купот на Македонија да гледаат како се играат средбите од ова натпреварување во Србија, Хрватска, Црна Гора, Шпанија, Италија, Чешка, Израел, Полска...