КФМ: Кошарката е спорт за сите, а не привилегија само за богатите!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) со соопштение до јавноста остро реагира на зголемениот број пријави од родители загрижени за наводно високите котизации за наредната младинска сезона и истовремено категорично порачуваат – кошарката не е и не смее да биде привилегија на богатите, туку е спорт достапен за секое дете.

Од Куќата на кошарката појаснуваат дека единствената котизација која клубовите треба да ја уплатат за учество во младинските лиги изнесува 100 евра во денарска противвредност. Таа е воведена уште пред неколку сезони, исклучиво како мерка за спречување на несериозно учество на клубови кои одлучуваат „играме, па не играме“, што го нарушува натпреварувачкиот календар и системот. Федерацијата потенцира дека оваа котизација е обврска на клубовите, а не на играчите или нивните родители и дека средствата уплатени по тој основ се враќаат назад на клубовите преку наградни фондови, во зависност од пласманот на крајот на сезоната.

„Кошарката треба да биде спорт во кој секое дете ќе има еднаква можност да тренира, да се развива и да напредува, без финансиски пречки при селекцијата“, се истакнува во соопштението.

КФМ апелира до родителите што чувствуваат неправда или злоупотреба од страна на клубовите да пријават вакви случаи, со најави за соодветни санкции против оние кои ги прекршуваат правилата.

„Само заедно можеме да изградиме фер и праведен систем во кој секое дете ќе има можност да го живее својот спортски сон“, порачуваат од Федерацијата.