
Еуробаскетот во 2029 година повторно во четири држави, завршницата во Мадрид
Минатата недела беше најавено дека една од нив ќе биде Грција, но денеска се знаат и останатите три. По една група ќе има уште во Талин, Љубљана и Мадрид со тоа што завршницата ќе се одржи во главниот град на Шпанија. Отворањето на првенството ќе биде на стадионот „Сантијаго Бернабе“ пред 80 илјади гледачи, како што одамна најави Кошаркарската федерација на оваа земја.
Естонија првпат во историјата ќе биде (ко) домаќин на континенталниот шампионат, Грција последен пат беше организатор во 1995 година, Шпанија во 2007, а Словенија во 2013 година. Во конкуренција беа уште Литванија и Холандија, додека Германија и Финска ја откажаа својата кандидатура.
Еуробаскетот во 2029 година ќе биде петти по ред што ќе го организираат четири држави, практика која почна во 2015 година со Франција, Хрватска, Германија и Летонија.