
МЗТ моќно го почна финалето, ТФТ цела втора четвртина не даде ниту еден кош (ФОТО)
По релативно неизвесната прва четвртина, во која гостите со четири тројки одржуваа резултатска неизвесност, победникот беше решен во вториот период во кој домаќинот заигра пеколна одбрана. Аеродромци со серија 18-2 дојдоа до огромни плус 17 (43-26) со што го решија прашањето околу тимот што ќе ја „удри првата рецка“. До крајот се играше колку да се одигра, а за одбележување е ужасниот напад на гостите од Тафталиџе, кои шутираа со неверојатна 22,7-отстотна прецизност. Огромен куриозитет во негативна смисла за гостите е фактот што во вторите десет минути не постигнаа ниту еден кош од игра, додека сите шест поени во овој дел ги реализираа од линијата за слободни фрлања.
Војдан Стојановски со 12 поени беше најпрецизен кај актуелниот првак, додека зад него според учинокот беа Дамјан Стојановски со 11 поени и Андреј Андоноски со девет поени и двајцата со по шест скока. Кај ТФТ, разбирливо, немаше ниту еден со двоцифрен поентерски ефект, а за одбележување е играта на Хотон кој имаше седум поени и 12 скока.
Вториот меч исто така се игра во „Јане Сандански“ и тоа в понеделник со почеток од 19.30 часот.