Министерството за спорт со пет милиони денари го награди успехот на Алкалоид!

Екипата на Алкалоид в недела, во „Борис Трајковски“, ќе го одигра најважниот меч од постоењето на клубот, а тоа е реваншот од финалето во Европскиот куп на ЕХФ против АЕК во кој влегуваат со четири гола позитива обезбедена на првата средба во Атина.

Зад „фармацевтите“ е феноменална сезона на европска сцена, што според сите очекувања треба да кулминира за неколку дена со кревање на историскиот пехар, што не остана незабележано и ненаградено од државата. Министерот за спорт, Борко Ристовски, попладнево ја информира јавноста за сериозната финансиска поткрепа за клубот кој е на добар пат да стане трет ракометен колектив кај нас со европски трофеј – по Вардар и Кометал Ѓорче Петров.

„За пласманот во финалето од Европскиот куп на ЕХФ и за достојно претставување на Македонија надвор од нашите граници екипата на Алкалоид е наградена со пет милиони денари“, напиша министерот.

Грците ги очекува пекол в недела во скопската сала со оглед што билетите веќе се распродадени, а се очекува на трибините да се најдат и неколку стотини навивачи на АЕК како дополнителен шмек на овој спектакл.