
Надал: Ѓоковиќ ми го „украде“ трофејот од Вимблдон во 2022 година!
Како што откри во интервју за францускиот „Л'Екип“, тој смета дека трофејот на крај завршил кај Новак Ѓоковиќ – кој, според Шпанецот, можеби и немаше да го освои ако судбината била поинаква.
„Го скинав стомачниот мускул и се повлеков пред полуфиналето. Ако тоа не се случеше, сигурен сум дека ќе го освоев Вимблдон. Секако, тоа се само претпоставки – што би било ако... Но, чувствував дека сум подготвен за титула“, изјави Надал, алудирајќи дека Ѓоковиќ го освоил турнирот само поради неговото отсуство.
Шпанскиот тенисер одигра извонредно на Вимблдон таа година, иако тревната подлога не е негова специјалност. Во полуфиналето требаше да се соочи со Австралиецот Ник Кирјос, кој беше во животна форма, но Шпанецот се повлече поради повреда. Кирјос потоа загуби од Ѓоковиќ во финалето. Иако повеќето аналитичари беа скептични дека Надал можел да го совлада Србинот на трева, тој останува уверен дека бил доволно силен да стигне до уште еден Грен слем во својата последна комплетна сезона.
Во разговорот, Надал се осврна и на тоа зошто не се повлекол веднаш по Ролан Гарос 2022, кога го освои својот последен гренслем.
„Да ме прашате денес, да – ќе се повлечев по Ролан Гарос. Но тогаш, во 2022, бев во одлична форма и среќен што играм. Како да се откажеш кога телото ти дозволува да се натпреваруваш на врвно ниво?“, рече Надал.
Сепак, по Вимблдон, неговата кариера тргна надолу. Следуваа нови повреди, операција на колкот и долг период без значителен напредок.
„Си дадов време, но како минуваа месеците, стана јасно дека нема подобрување. Продолжување без цел, без вистинска шанса за натпреварување на највисоко ниво – тоа немаше смисла. Кога го прифатив тоа, кога и времето како последен тест не даде резултати, знаев дека е време да застанам“, додаде Надал.
Шпанецот официјално се повлече од тенисот кон крајот на 2024 година, со 22 гренслем-титули зад себе и статус на еден од најголемите во историјата на спортот.