Внукот на Емерсон Фитипалди ќе го менува изгорениот Грожан

Ромен Грожан нема да биде способен да вози веднаш, по изгорениците на дланките кои ги доби во ужасната несреќа викендов во Бахреин, па затоа неговиот тим Хас назначи негова замена за следната трка, претстојниов викенд.

Во болидот на Французинот ќе влезе Пјетро Фитипалди, внук на двојниот шампион Емерсон Фитипалди (1972, 1974). Роден во Мајами, 24-годишниот возач веќе трета сезона е со тимот на Хас како резерва, а досега ги имаше тестирано претходните два болида од 2018 и 2019 година.

„Откако лекарите нè информираа дека Грожан ќе пропушти најмалку една трка, изборот беше лесен, Пјетро ќе го вози нашиот ВФ-20 болид. Тој е со нас уште во претходните две сезони, беше трпелив и секогаш подготвен за ваква можност – сега таа дојде. Ова е вистинскиот потег во моментов и сигурен сум дека ќе заврши одлична работа“, изјави тимскиот шеф на Хас, Гинтер Штајнер.

Пјетро Фитипалди има тркачко искуство во Формула В8 3,5 шампионатот, каде што освоил титула, а возели и неколку трки во Индикар серијата. Шансата да вози на претстојната трка, која исто така ќе се одржи во Бахреин му доаѓа во вистински момент, бидејќи Хас уште нема обелоденето кои двајца возачи ќе ги ангажира за 2021 година. Само се знае дека искусните Грожан и Магнусен нема повеќе да бидат со тимот, но и тоа дека силни кандидати за нивни заменици се Мик Шумахер и Никита Мазепин. Ако се покаже на оваа трка, а можеби и на последната во Абу Даби (13 декември), постојат шанси да влезе во комбинација за постојан возач.