Стоилов „засилување“ во стручниот штаб на ракометната репрезентација

Легендата на македонскиот ракомет Стојанче Стоилов ќе биде во улога на помошник на селекторот Кире Лазаров за претстојниот двомеч против Фарски Острови.

Тоа е негово враќање во националниот тим, но сега како член на стручниот штаб откако повеќе од една деценија беше стандарден репрезентативец и учествуваше во најголемите успеси. Лазаров го покани Стоилов уште во октомври минатата година кога јавно порача дека може да му се приклучи во секое време.

„Столе Стоилов секогаш има отворена врата, кога ќе посака може да дојде. Јас разговарав со него, има обврски со ракометниот клуб Вардар, но за него секогаш е отворено местото во националниот тим. Секогаш придонесувал, придонесува и ќе помага, секогаш сме имале одлични односи со него“, рече тогаш Лазаров.

Стоилов од оваа сезона е дел и од стручниот штаб на Вардар, но иако лани објави дека ја завршува кариера, се појави како играч на неколку натпревари кога му беше потребен на тимот. Во репрезентацијата тој ќе биде еден од помошниците на Лазаров, заедно со Билјана Црвенковска.