Реал Мадрид одби да биде крунисан во Гранада - причината е „кралска“!

Фудбалерите на Реал Мадрид завчера и официјално станаа шампиони на Шпанија и тоа без да играат, по поразот на Барселона на гостувањето кај Џирона (2-4) поради што традиционално трофејот треба(ше) да го примат на првиот следен натпревар.

За „кралевите“ тоа е гостувањето кај Гранада, но челниците на мадридскиот тим веднаш ја известиле Ла Лига дека не прифаќаат таму да бидат крунисани.

„Нема смисла таму да славиме. Нема да го направиме тоа од почит кон домашниот тим и неговите навивачи, доколку баш тој ден тие испаднат од лигата“, велат од Реал Мадрид.

Гранада со пораз на оваа средба и со поклопување на уште некои резултати може и официјално да испадне од Ла Лига, па „кралевите“ не сакаат да го слават успехот пред навивачи, кои тагуваат за испаѓањето на својот клуб. Предлогот на Реал Мадрид е шампионскиот пехар да биде доделен на 14. мај, кога на домашен терен играат против Алавес.