Димитријевиќ меѓу најдобрите во првата полуфинална победа на Уникс!

Уникс Казан со победа од 78-75 ја отвори полуфиналната серија против Локомотив Кубан, а нашиот Нено Димитријевиќ како втор стрелец во својот тим го заврши натпреварот.

Полуфиналната серија во ВТБ лигата меѓу Уникс и Локомотив Кубан е реприза на минатогодишното финале. Бранителот на титулата беше подобар во целиот меч, имаше и двоцифрена предност, но на крајот победи тесно.

Димитријевиќ беше најдобар во клучните моменти, кога се решаваше мечот, иако севкупно ова не беше една од неговите најдобри партии. Тој погоди четири од четири слободни фрлања во последните 30 секунди од мечот.

Нено имаше шут 3 од 10 за два и 1 од 9 за три поени. Мечот го заврши со 16 поени, повеќе од него имаше само Грин кој реализираше 19. Димитријевиќ собра и два скока, шест асистенции и три украдени топки.

Вториот меч од серијата се игра на 8. мај, повторно на теренот на Уникс. Место во финалето ќе обезбеди првиот кој ќе стигне до четири победи.