Во новиот трансфер Мароканецот Зијеш учествувал и познат српски пејач

Мароканецот Хаким Зијеш кариерата ќе ја продолжи во редовите на Ботофаго кој го потврди неговиот ангажман, а интересно е што со овој трансфер се поврзува и српскиот пејач Стефан Цвијовиќ-Цвија.

Зијеш на почетокот на месецот веќе постигнал договор со Ботафого, па дури и снимил материјал за официјалното претставување, но потоа привремено се откажал. Бил загрижен за квалитетот на фудбалските терени во Бразил по разговорот со сонародникот Закарија Лабијад, кој настапува за Коринтијанс.

Неколку дена подоцна сепак ја променил одлуката, пристигнал во Рио де Жанеиро, ги поминал медицинските прегледи и го потпишал договорот.

Инаку популарниот Цвија во последните години е сè поактивен во фудбалскиот менаџмент, а на Линкедин објави дека заедно со партнерите од „Sport Excellence Group“ учествувал во трансферот на Зијеш во Ботафого. Со објавата сподели и фотографии од Мароканецот во Бразил, а на соработниците им се заблагодарил за успешно завршената работа. Регионалните медиуми наведуваат дека Цвија поседува и лиценца за фудбалски агент.

Неговиот актуелен профил на Линкедин го поврзува со „SPOCS Media“, компанија која се занимава со спортско советување, маркетинг и поврзување на фудбалери со клубови.

Цвија и претходно се појавувал во приказни поврзани со фудбалски трансфери. Во март, на пример, го објави трансферот на Алекса Пејиќ во Железничар, додека во текот на летото на својот профил објавуваше и други зделки поврзани со фудбалери кои ги застапува или со кои соработува.