Кошаркарската сезона ќе почне со два мега-дуели помеѓу МЗТ и Куманово во - две недели!

Новата кошаркарска сезона ќе почне на 27 септември со одржување на Суперкупот помеѓу МЗТ Скопје, како освојувач на двојната круна и Куманово како финалист од Купот на Македонија, а денешната ждрепка посака овие два тима да ги одмерат силите веднаш и на стартот од новото суперлигашко првенство.

За дуелот за првиот трофеј во новата сезона имаше најави дека ќе се игра во Куманово, искажани од првите луѓе на овој град, што засега не е официјално потврдено од КФМ, додека втората пресметка помеѓу двете можеби најсили екипи во макбаскетот во моментов сигурно ќе се одигра во „Јане Сандански“.

Работнички патот кон враќањето на врвот од македонската кошарка ќе го почне со гостување кај Струмица, додека вицешампионот Маџари, односно по ново КК Скопје првата средба ќе ја одигра дома против Кожув. Дебитантот во елитата веднаш доби можност да игра пред полни трибини на домашен терен и тоа против Тиквеш, додека на програмата е и уште едно дерби помеѓу Пелистер и ТФТ.

Денеска беше одржан и работен состанок на челниците на КФМ со претставниците суперлигашите, а главна тема беа организацијата, подготовките и клучните прашања поврзани со непреченото спроведување на претстојната натпреварувачка сезона. Во фокусот на разговорите се најдоа дефинирањето на системот за натпреварување, утврдувањето на термините за почеток на новата кампања, како и организациските детали околу претстојниот Суперкуп на Македонија.

Дополнително, клупските претставници беа официјално информирани за продолжувањето на успешната спонзорска соработка со компанијата „М-тел“, потег кој ќе обезбеди значајна логистичка и финансиска поддршка за развојот на македонската клупска кошарка.