Прилеп на нозе: Се враќа шампионската Победа со нов газда - тргнува од најнизок ранг!

Поранешниот двоен македонски шампион, екипата на Победа, која во минатото ја претставуваше државата во европските купови против гиганти како Парма и Перуџа, се враќа во активните натпреварувања и новата сезона ќе ја стартува од Четвртата општинска лига.

Според неофицијалните информации, зад реактивирањето на клубот стои нов, сериозен инвеститор чија главна цел е да го врати прилепскиот спортски бренд на старите победнички патеки. Враќањето на историската Победа е закажано за 20 септември, кога тимот ќе го одигра градското дерби против екипата на Корзо 2016. Иако сè уште не е официјално познато кои играчи ќе го носат дресот во новата сезона, ниту на кој терен клубот ќе ги игра своите домашни натпревари, самата најава за будењето на „старата“ Победа веќе предизвика огромна носталгија и еуфорија кај љубителите на фудбалот во градот под Марковите Кули.

Во меѓувреме, со официјален став преку социјалните мрежи се огласи и навивачката група „Мајмуни Прилеп 1997“. Најверните приврзаници информираа дека целосно се оградуваат од новоформираниот субјект ГФК Победа 2026 и дека нема да присуствуваат на неговите натпревари. Од групата изразија огромно задоволство од информациите за рестартирањето на вистинскиот клуб со традиција, нагласувајќи дека со нетрпение чекаат официјална потврда на овие најави.

„Доколку информациите се потврдат, тоа за нас ќе биде голема радост и надеж дека вистинската Победа повторно ќе застане на своите нозе“, стои во соопштението на навивачката група.