Одбојкарите „бркаат“ најдобар роденденски подарок за селекторот - триуф над Украина!

Македонската одбојкарска репрезентација денеска ќе го одигра својот втор натпревар на Европското првенство (ЕП) во Софија и тоа против силната селекција на Украина (15 часот).

По воведниот пораз од домаќинот Бугарија, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски се соочуваат со уште еден исклучително тежок предизвик против репрезентација која е рангирана меѓу најдобрите десет на светската листа. Украинците во овој дуел влегуваат како апсолутен фаворит, додека македонскиот национален тим примарната шанса за победи и пласман во следната фаза ќе ја бара во претстојните дуели со Португалија и Израел.

Денешниот натпревар има и специфична симболика, бидејќи селекторот Миленкоски полни 66 години, што го прави втор највозрасен стратег на првенството, веднаш зад неговиот денешен ривал, 70-годишниот предводник на Украина, Раул Лозано.

„Ја анализиравме добро, се работи за една од најдобрите европски репрезентации, во ТОП-10 на светската ранг-листа. Украина е составена од ѕвезди, најголемата им е Плотницки, еден од најдобрите сервери во светот, тоа може да ни биде проблем, но ќе видиме како ќе се спротивставиме. Последните подготовки се направени, треба да ја играме нашата игра. Овој меч ќе ни послужи како подготовка за последните два меча. Рецептот треба да е ист како со Бугарија, да не се оптоваруваме со ривалот, туку со нас“, изјави Миленкоски пред натпреварот.

Натпреварот ќе биде директно пренесуван на каналот Арена Спорт Македонија.