Шокантни детали од грабежот кај Донарума: Го врзале и го удриле, бремената партнерка била нападната
Донарума и неговата тогашна партнерка, а денес сопруга, Алесија Елефанте, биле нападнати во својот стан на престижната улица „Авенија Монтењ“ додека спиеле. Напаѓачите ги врзале, им се заканувале со нож и им украле пари, часовници, накит и други вредни предмети.
Според сведочењето содржано во судските документи, Донарума се разбудил откако еден од напаѓачите му се приближил и му удрил со метален боксер во лицето. Потоа му се заканил со нож и барал часовници. Голманот му покажал на напаѓачот часовник „Адемар Пиге“, чија вредност може да достигне стотици илјади евра.
Особено потресен дел од сведочењето се однесува на Алесија Елефанте, која во моментот на нападот била бремена. Напаѓачите од неа барале пари и часовници. Таа им предала 2.000 евра во готовина, часовник „Картие“ и накит. Кога побарале шифра од сефот, Елефанте им кажала дека не ја знае и дека сефот е празен. Напаѓачите не ѝ поверувале. Според нејзината изјава пред истражителите, ја влечеле за коса и ја удирале по нозете, иако им кажала дека е бремена. На крајот, Донарума им ја дал шифрата, но се покажало дека сефот навистина бил празен.
Истрагата покажала дека разбојниците не влегле преку главниот влез. Тие се качиле на покривот, а потоа со скала се спуштиле до балконот и успеале да влезат во станот. Од домот биле одземени готовина, луксузни часовници, скапи чанти и клучеви од автомобили „Мерцедес“ и „Ламборџини“. Донарума не се очекува лично да сведочи на актуелното дводневно судење.
Пред судот се појавија повеќе лица поврзани со грабежот. Двајца од обвинетите, 21-годишниот Илијас Кербуш и 22-годишниот Хјан Мамони, се обвинети дека го организирале грабежот додека се наоѓале во затвор. И двајцата ги негираат обвиненијата. Кербуш има најмалку 11 претходни пресуди, а во март годинава успеал да избега од затвор. По 13 дена бил повторно уапсен. Другиот обвинет, 24-годишниот Моктар Диоп, признал дека учествувал во грабежот, но негира дека користел насилство.
Двајца учесници кои во моментот на грабежот биле малолетни веќе биле осудени на затворски казни од три и четири години. Четвртиот осомничен во 2024 година извршил самоубиство во затвор, откако претходно признал дека учествувал во грабежот.
Почетокот на судењето бил проследен и со инцидент во судницата. Кербуш влегол во конфликт со судските полицајци откако од неговиот брат било побарано да ја напушти судницата. Тој им упатил навреди и закани, по што бил предупреден дека и самиот може да биде отстранет од рочиштето.