„Без силен Работнички нема ниту добар МЗТ, ниту квалитетна македонска кошарка!“

Кошаркарскиот клуб Работнички денеска ги претстави стратешките приоритети и спортските цели пред почетокот на новата сезона и тоа на прес-конференцијата, на која присуствуваа претставници на Општина Центар, поранешни играчи и клупски легенди.

Центарци најавија нова енергија и поход кон освојување титули кои треба да му го вратат препознатливиот шампионски статус на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. Претседателот на Управниот одбор, Александар Стојкоски, ја образложи мисијата на клубот базирана врз нова организациска структура и долгорочен развој на млади играчи.

Извршниот директор Бранко Радевски потврди дека сите долгови на клубот се целосно подмирени благодарение на новите спонзори и партнери, што овозможува стручниот штаб и кошаркарите максимално да се фокусираат на предизвиците на паркетот, а навивачите да се вратат во обновениот дом.

„Работнички е клуб со традиција што обврзува. Нашата задача како нов Управен одбор е да поставиме стабилна организациска основа и јасни правила на работење, за резултатите на теренот да бидат последица на здрав систем, а не на моментална инспирација. Фокусот во овој период е на секојдневната оперативна дисциплина – од условите за тренирање, преку организацијата на натпреварите, до односот со навивачите и партнерите. Едноставно кажано, без силен Работнички нема ниту добар МЗТ, ниту квалитетна македонска кошарка“, истакнаа Стојкоски и Радевски во своите обраќања.

Шефот на стручниот штаб, Владимир Мирковски, го претстави ростерот за новата натпреварувачка кампања, кој претставува спој на нови засилувања и веќе докажани имиња. Тој нагласи дека подготовките се одвиваат според предвидениот план. Оптимизмот го сподели и капитенот на екипата, Виктор Ефремовски, кој потенцираше дека играчите се подготвени максимално да се залагаат за клупскиот дрес.

„Составивме екипа која може да работи напорно и да игра препознатлива кошарка. Нашата амбиција е да бидеме конкурентни во секој натпревар од лигата. Атмосферата во соблекувалната е одлична и сите сме свесни што значи да се носи овој дрес. Ние играчите сме подготвени да го оправдаме тоа со залагање на теренот. Чекаме помош од навивачите. Градски парк е тврдина која тешко се освојува“, порачаа тренерот Мирковски и капитенот Ефремовски.