Работнички сакал 80. роденден да го прослави против евролигаш, но се задоволил со Војводина!

Кошаркарскиот клуб Работнички годинава прославува голем историски јубилеј, а централната прослава по повод 80-от роденден на клубот ќе се одржи на 19 и 20 септември со пријателскиот натпревар против српската екипа Војводина.

Оваа средба ќе биде одлична можност навивачите да уживаат во квалитетна кошарка и истовремено да бидат дел од одбележувањето на овој значаен момент. Противникот, кој од неодамна функционира како филијала на новиот проект Дубаи, во Скопје ќе пристигне со засилен ростер од домашни и странски кошаркари. Јубилејот воедно ќе биде искористен за потсетување на најзначајните моменти од богатата историја на Работнички, како и за оддавање почит на луѓето кои придонеле клубот да се етаблира како еден од најголемите спортски брендови во државата.

Новиот извршен директор на клубот од „Градски парк“, Бранко Радевски, ги откри деталите околу организацијата на натпреварот и причините поради кои токму новосадскиот тим е избран за гостин на оваа голема прослава.

„Сакавме за овој јубилеј да поканиме некој евролигаш, но тоа не беше возможно бидејќи сите клубови имаат распоред за една година однапред. Поради тоа се определивме за Војводина, исклучително амбициозен српски клуб кој сезонава има амбиции за пласман во АБА лигата“, откри Радевски.