„Пеналот мора јас да го шутирам, а ако тренерот има нешто против – ќе го отпуштам!“

Светски шампион со Бразил од 1994 година, Ромарио, постигна два гола додека тренираше со многу помладите фудбалери на тимот на Америка од Рио де Жанеиро, чиј претседател е тој самиот.

Станува збор за клуб од втората дивизија на државниот шампионат во Рио де Жанеиро, во кој е е вклучен и Ромарињо, еден од неговите синови.

„Мојата најголема цел е да имам можност да играм со мојот син. Многу спортисти ја имаат таа цел. Леброн Џејмс сака да игра со својот син следната сезона во НБА. Ривалдо исто така ја имаше таа шанса. И јас го сакам тоа“, им изјави Ромарио на новинарите по вчерашниот тренинг.

Уморен по напорниот тренинг, Ромарио се пошегува дека наскоро ќе му треба носилка.

„За човек кој не тренирал 16 години, успеав малку да истрчам. Сакам да разјаснам една работа - нема да играм цело првенство. Мојата идеја е да играм неколку минути на некои натпревари. Најважната работа е Америка“, дополни Ромарио.

Ромарио стана претседател на тој клуб во 2023 година, со цел да го врати во Првата лига. Тој не беше познат како љубител на изведување пенали, но изгледа се предомисли.

„Ако има пенал, претседателот на клубот ќе побара да се изведе. Ако тренерот каже не, ќе биде отпуштен, а претседателот на клубот дефинитивно ќе го изведе пеналот“, се пошегува Ромарио.