Трогателна минута во Кичево: Заедничко турирање во чест на починатиот автомобилист (ВИДЕО)

Денешната трка од „Твинго купот“ во Кичево почна со едноминутно заедничко турирање на возилата во знак на почит на нивниот колега Александар Кочевски (58 години), кој вчера почина од срцев удар среде квалификациите за денешното натпреварување.

Ова беше трета трка од календарот на кружни патеки, која во иднина ќе го носи името на прерано заминуватиот автомобилист.

„Сите знаевме колку тој ги сакаше трките и ова е најмалку што можевме да сториме“, беа коментарите на неговите колеги.

 

 

Трката во „Твинго Куп“ не се одржа денеска, но ќе се вози следниот викенд и ќе биде во чест на Кочевски. Во останатите „пресметки“, Ристо Вуков ја освои титулата во Дивизија 1, завршувајќи ја трката пред Михајло Лазаревски и Димитриј Кимовски. До крајот на сезоната не се знае дали ќе има уште една трка, во Скопје, но Вуков дури и да не настапи, под претпоставка трката да се одржи, тој веќе обезбеди доволна предност во генералниот пласман.

Во Дивизија 2, Орхан Амет беше побрз од Џуклевски и Трајановски во категоријата Е1600, додека Димитриј Кимовски беше побрз од Јорданов и Блажевски во категоријата N2000. Во категориите Е1 и N1400, единствени претставници беа Екрем Мемиши и Михаил Делев.